Одбележан 21 Февруари, Меѓународен ден на мајчиниот јазик

Со активност на отворено, ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани го одбележа 21 Февруари, Меѓународниот Ден на мајчиниот јазик.

На штанд покрај  кејот на Кочанска река, ученици од ООУ „Никола Карев“ – Кочани на минувачите им подаруваа книги од познати македонски автори, во чест на одбележувањето на Денот на мајчиниот јазик.

Идејата за одбележување е  да се промовира и негува секој засебен мајчин јазик, меѓутоа и да се промовираат, толерираат, учат и останатите јазици во светот.

-Денеска подаруваме книги на македонски јазик на граѓаните на општина Кочани, како и бележници за книги во чест на одбележување на 21 Февруари, Денот на мајчиниот јазик. На дрворедот покрај кејот на Кочанска река ќе бидат поставени мисли и цитати од познати интелектуалци од Македонија и светот, коишто се поврзани со негувањето и промоција на мајчиниот јазик. ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани во соработка со основното училиште „Никола Карев“ – Кочани се приклучи во оваа активност за одбележување на Денот на мајчиниот јазик. Од ООУ „Никола Карев“ учествуваат ученици од VII-2  одделение и тоа, Илијана Јорданова, Ива Јованова, Ненад Ефтимов и Ненад Ангелов, заедно со менторот наставник по македонски јазик, м-р Љупка Стојменова, истакна Кристина Ѓорѓиевска Атанасова, библиотекар во „Искра“.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е прогласен од страна на УНЕСКО  во 1999 година, а веќе од наредната 2000 година е промовиран како ден на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвизмот.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: