Одборот за Здрав живот во Кочани донесе заклучоци во пресрет на рестартирањето на „Пејпар Мил“ и изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река

Одборот за здрав живот  во Кочани одржа работен состанок  на кој беа изнесени информации и заклучоци во пресрет на  претстојното рестаритрање на фабриката „Пејпар Мил“ и најавената изградба на мини хидроцентрала на Мала Река.

На средбата беа донесени заклучоци по кои ќе се води понатамошното делување на Одборот за Здрав живот, поддржани од 18 граѓански здруженија и организации од Кочани.

-Фабриката „Пејпар Мил“ ќе започне со работа со истот реагенс, пелети, но со инсталиран вреќаст филтер на оџакот. Нашите барања се загадувањето да не надминува над 50mg/m3 како што е предвидено со закон, а доколку надминат да се запре работата на котелот на пелети и да преминат на метан. Ќе настојуваме во барањето да се направи и пречестителната станица за отпадни води од фабриката што е обврска која ја наметнува А –интегрираната дозвола, како и вградување на филтер за сузбивање на миризбата – истакна Зоран Тодоров, координатор на Одборот за Здрав живот во Кочани.

Меѓудругото, од Одборот за Здрав живот побара емисиите на прашина на „Пејпар Мил“ да се мерат континуирано и да се објавуваат на веб-страницата на фабриката.

Тодоров додаде дека бараат институциите да ги лоцираат и другите загадувачи на воздухот и водата како и поголема контрола на квалитетот на храната во маркетите и на пазарите.

„Реагираме и на изградбата на хидроцентралата на Мала Река. Имаме информации дека активностите на инвеститорот се во завршна фаза и ќе добијат градежна дозвола. Како граѓани тоа не го прифаќаме и ќе се бориме со сите расположливи средства, преку обвинителството, а ако треба и ќе протестираме“ – потенцираше Тодоров.

Според последните информации Општина Кочани ќе мора да издаде дозвола за изградба на мала хидроцентрала на Мала Река бидејќи инвеститорот ги обезбедил сите потребни документи од надлежните министерства.

Од Одборот за Здрав живот велат дека со изградбата на  хидроцентралата ќе биде нанесена непоправлива еколошка штета.

На работниот состанок беа формирани и комисии во областа на заштита на животна средина кои ќе треба да предлагаат решенија за конкретни проблеми во локалната средина.

И. Матеничарски

Сподели: