Одржана првата јавна расправа по нацрт-одлуката за прогласување на Осоговските Планини за заштитен предел

Со јавната расправа што синоќа се одржa во салата на Спомен-домот „АСНОМ“ во Кочани, Министерството за животна средина и просторно планирање ја почна серијата средби со јавноста по предлог-актот за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, во категоријата V – заштитен предел.


На расправата претставници на Македонското еколошко друштво ја презентираа Студијата за валоризација за предлог-подрачјето за заштита, а за текот на постапката согласно законската регулатива до конечното донесување на Одлуката за прогласување од страна на Владата, говореше м-р Сашо Јорданов од Министерството за животна средина и просторно планирање.


Градоначалникот Николчо Илијев во своето обраќање истакна дека во овој сложен и долг процес за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, Кочани покажа подготвеност за поддршка на благородните цели на Програмата за зачувување на природата во Македонија.


– Во прогласувањето на Осогово во категоријата заштитен предел, стои придонесот кон регионален развој, промоција на природните и културните вредности и развој на туризмот – рече Илијев.


– Сѐ поголемо значење, особено во постковид периодот добива заштитата на животната средина и со зголемувањето на површините на заштитените предели всушност Република Северна Македонија ги следи главните определби на европскиот „Зелен договор“ – истакна заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во поздравното обраќање, посочувајќи го примерот со изградбата на Пречистителната станица во Кочани која е најдобар показател за ефектите врз рехабилитацијата на речните видови во реката Брегалница.


На јавната расправа присуствуваше бројна публика составена од претставници на владини институции, општината, бројни локални граѓански здруженија, претставници на бизнис-заедницата, новинари и други заинтересирани страни.

Акцент на дискусијата од страна на присутните беше ставен на статусот на неизградените мали хидроцентрали, особено на онаа што е планирана на Мала Река. Од страна на присутните беше нагласена и потребата од поинтензивна еколошка едукација и развивање на позитивни навики кај населението во однос на препознавање на начините за зачувување на природните вередности на Осогово.


Реализација на овој проект е од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“ од Скопје.

Сподели: