Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на пределите, на 29 октомври 2023 година, во Инфоцентарот на Пониква се одржа промоција на пределните вредности на заштитениот предел Осоговски Планини.
Настанот беше одбележан со изложба на фотографии „Осоговските села“, како и со планинарска и велосипедска тура до планинскиот врв Панаѓур, во промоцијата беа вклучени Македонското еколошко друштво – МЕД, локални планинарски и велосипедски друштва, а организатор беше Телото за управување со заштитениот предел Осоговски Планини во состав на ЈП „Национални шуми“.
Од ЈП „Национални шуми“ нагласија дека во изминатиот период, откако подрачјето е прогласено за заштитен предел, реализирани се поголем број активности со кои се заштитуваат и унапредуваат неговите природни, културни и сите други карактеристики.
Пред околу три години подрачјето на Осоговските Планини, заедно со Малешево, беа прогласени за заштитени предели во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – излезна фаза, како проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, координирана од „Фармахем“ од Скопје.
Во рамки на проектот се набавени пет теренски возила, лична опрема и униформи за 19 лица кои се ангажирани во ренџерска служба во заштитените предели. Тие поминаа стручна обука, а обезбедени се теренски простории, како и потребна информатичка и друга опрема.
ЈП „Национални шуми“