Граѓани, претставници на граѓански организации , урбани и месни заединици , советници во Советот на Општина Кочани и претставници на општинската администрација, учествуваа во најавената граѓанската трибина за утврдување на приоритетите во општинските развојни програми за периодот 2021-2023 година.
Во салата на Спомен-домот „АСНОМ“, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев зборуваше за проектите предвидени за реализација во периодот што следи, со посебен осврт на капиталните проекти предвидени за 2021 година.
Беше најавена реконструкција на главниот потисен цевковод, завршување на изградбата на новата детска градинка во Драчевик, почеток на градба на браната на Арамиска чешма, проектот за планински велосипедски рај како и регулација на дел од Кочанска река.
Во периодот што следи ќе започне изградбата објекти за дислокација на Роми од Старата касарна, а според изнесеното за следната година е предвидено да се заврши и проектот за реконструкција на паркот во централното градско подрачје со фонтана и изградба на пешачки мост помеѓу паркот и Трговскиот центар.
Во делот на инфраструктурата беше најавено асфалтирање и бетонирање на поголем број на улици во градот и околните населени места , завршување на експропијација на објектите на улицата „Стево Тедосиевски“ со булеварско решение како и проект за изградба на неколку кружни текови на потегот од фабриката „Пејпер мил“ по булеварот „Тодосија Паунов“ се до крстосницата кај „Грозд“.
Од страна на граѓаните беа упатени неколку прашања до градоначалникот Николчо Илијев.
Група на граѓани жители на улицата „22 Октомври“ (Крушарско маало) побараа да се изнајде начин нивните домови да бидат приклучени на канализационата мрежа, проблем кој се провлекува низ годините, а е во строгиот центар во градот.
Граѓаните ја поздравија одлуката на Општина Кочани за изборот на фирма која ќе врши контрола и анализа на квалитетот на животната средина којшто се однесува на анализи на бучавата, отпадните води, емисиите од стационарни извори и присуството на ПМ-10 честитки во амбиенталниот воздух, но општинските власти немаа конкретен одговор за начинот на санкции против загадувачите поради судирот на надлежности помеѓу институциите.
Меѓудругото на јавната трибина беа начнати теми од секојдневното живеење на граѓаните, во делот на безбедноста во сообраќајот, комуналните и инфраструктурни проблеми.
И.Матеничарски