September 28, 2020

Одржана 33. редовна седница на Советот на Општина Кочани

Советот на Општина Кочани ја одржа 33. редовна седница на која од триесетте точки на дневниот ред, четири не ја добија поддршката. Тоа беа предлог-програмите за јавна чистота, за одржување на сливните решетки за атмосферска канализација, за култура и за поддршка во образованието.

Во рамките на претставувањето на нацрт-буџетот на Општина Кочани за 2020 година, службите од Секторот за финансии информираа дека  вкупниот буџет за 2020 година изнесува 668.253.900 денари, а основниот 248.636.000 денари, и тој е за 10 % зголемен од претходната година. Самофинансирачките активности изнесуваат 17.962.000, дотациите 331.742.000 денари, донациите 25.973.000 денари, а кредитите 43.940.000 денари. Во делот на дотациите има зголемување, кое за основните училишта е 19 милиони денари, за средните – 8 милиони, за Библиотеката „Искра“ – 1 милион, за Детската градинка „Павлина Велјанова“ зголемувањето е за 10 милиони денари, а за Територијалната противпожарна единица – 2 милиони денари повеќе од лани.

Советот на Општина Кочани на 33. седница ја донесе одлуката со која го утврди за приоритетен проектот Регулација на дел на Кочанска Река со  кој Општина Кочани ќе аплицира за добивање грант во висина од 27 % од  искористените средства од долгорочното задолжување во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги. Се очекува со грант од 14 милиони денари да се уредува речното корито од мостот кај Зебец до локалитетот Бавчалук, потег долг 900 м.

Советот ги усвои предлог-финансиски планови на општинските основни и средни училишта за 2020 година, на  Детската градинка „Павлина Велјанова“ и на Библиотеката „Искра“.