Одржан работен состанок на Иницијативната група на граѓани за борба против аерозагадувањето на Кочани

Иницијативна група граѓани за борба против загадувачите во Кочани денеска одржа работна координативна средба со цел изнаоѓање на заклучоци за понатамошно делување и активности во врска со аерозагадувањето во Кочани и околината.

На работната средба која беше отворена за медиумите, беше истакнато дека иницијативната група првенствено ќе работи на мобилизирање на граѓанството во борба против аерозагадувањето. Изнаоѓање на различни форми за граѓански притисок кон загадувачите во околината и надлежните институции исто така ќе бидат еден од приоритетите на граѓанската иницијатива.

– Денешниот состанок всушност е иницијатива на група граѓани за изнаоѓање решенија за борба против загадувачите во општината, но и против незаинтересираноста на надлежните за институционална контрола и решавање на проблемот со загадувањето на Кочани. Наша цел како група е да делуваме институционално, поради што и денешниот состанок е во близина на Јавното обвинителство и Основниот суд, место кое има симболика во спроведување на законите и правото. Како иницијатива се залагаме за решавање на проблемот со фабриката „Пејпар Мил“, односно бараме фабриката во работењето да користи метан како поеколошки енергенс наместо пелети, но секако овде акцент ставаме и на палењето на стрнишитата во полето, горењето и чадењето на Градската депонија и испуштањето на отпадни води од стопанските субјекти од општината, истакна Ефтимиј  Атанасовски, граѓански активист.

На координативниот состанок беше изнесена идеја за покренување на иницијатива пред Советот на Општина Кочани за организирање на јавна трибина на која ќе бидат поканети претставници од Министерството за животна средина, надлежните инспекторати, локалната самоуправа и граѓанството. Целта е преку сеопфатна дискусија на сите засегнати страни да се изнајдат заеднички заклучоци за понатамшно граѓанско и институционално делување. Беше разгледана идеја во подоцнежна фаза да се собираат граѓански потписи за „Пејпар Мил“ да продолжи да работи на метан.

Од иницијативната група за борба против загадувањето најавија дека продолжуваат граѓанските протести пред фабриката за хартија „Пејпар Мил“, од понеделник до петок во периодот од 16 ч. до 18 ч. Протестите ќе бидат збогатени со културно-забавни содржини.

Иницијативната група најави организирање на масовен граѓански протест на почетокот на март пред фабриката за хартија „Пејпар Мил“, а се разгледуваа и различни начини на интензивен граѓански притисок кон загадувачите и надлежните институции.

И. Матеничарски

Сподели: