Од средината на следната недела започнува отстранувањето на доградбите пред угостителиските објекти во Трговскиот центар во Кочани

Уште четири денови на располагање имаат угостителите од Трговскиот центар блок А сами да ги отстранат доградбите пред своите угостителски објекти, а доколку тоа не го сторат ќе следи присилно отстранување.

В понеделник истекува и последниот рок на доставените решенија на угостителите при што веќе од средината на следната седмица, Општина Кочани преку избраниот изведувач ќе може да почне со отстранување на доградбите пред пицериите.

В.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски за интернет-порталот „Гласно“ информираше дека сите угостители, освен еден, одбиле физички, односно на рака, да ги примат решенијата на Локалната самоуправа за отстранување на доградбите пред угостителските објекти. Поради тоа, решенијата се пратени по пошта и последниот рок е понеделник, до кога угостителите сами ќе можат да ги отстранат доградбите.

Локалната самоуправа на Општина Кочани по пат на јавна набавка ја избра фирмата „Политехна ДООЕЛ“ од Кочани како економски оператор за отстранување на  објекти (дивоградби).

Преку соопштение претходно, в.д градоначалникот Крстевски рече дека доколку  корисниците на дивоградби сами не ги отстранат доградбите Општина Кочани ќе пристапи кон отстранување на истите и корисниците на дивоградбите ќе добијат фактура за трошоците настанати при отстранувањето. Воедно, беше речено дека Општина Кочани ќе пристапи и кон поднесување на прекршочна пријава со која е предвидена висока глоба или кривична пријава која е со одредби казна затвор.

И. Матеничарски

Сподели: