Од утре 22. март во периодот од 21:00 до 06:00 часот наутро на територијата на државата се воведува полициски час. Ваква одлука донесе Владата на Република Македонија на седницата оддржана вечерва.

Со полицискиот час се ограничува движењето на граѓаните, а исклучок се лица кои имаат потреба од итна медицинска помош или се во животно загрозувачка состојба/лица на дијализа исклучиво во придружба на најмногу две лица. Доколку поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска контрола, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција, преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед.
Во забраната не се опфатени припадниците на МВР, Армијата, противпожарните екипи и вработените во комунална хигиена.
Исто така ќе се ограничи бројот на дежурните аптеки, а пристап до нив ќе имаат само лица кои биле на преглед. Воедно од Владата ги задолжија такси компаниите да направат дежурства со ограничен број возила за превоз до болници и аптеки, а таксистите да носат заштитна маска и ракавици.
Полицискиот час се воведува како начин за спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19.
И.Матеничарски