Oд утре почнува да се казнува неносењето заштитна опрема како маска, марама или шал за покривање на устата и носот.
Заштитната опрема е задолжително да се носи во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, јавен превоз, здравствени институции и слично. Задолжителна е и за на отворен јавен простор, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метри меѓу граѓаните.
-За непочитување на Уредбата за носење заштитна опрема, од 30 април предвидени се казни и тоа: во висина од 20 евра во денарска противвредност за физичките лица, а за компаниите каде што не се почитуваат мерките за носење заштитна опрема за вработените и посетителите предвидена е казна од 2 000 евра во денарска противвредност – се вели во Уредбата донесена од Владата.
Заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор на станбена семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, (но со задолжително одржување на дистанца од два метри растојание), ако патуваат во моторно возило со лица кои заедно живеат, како и ако се наоѓаат на отворено каде што може да одржуваат дистанца од два метри.
Владата информира дека во сила е и забраната за групирање на повеќе од две лица на јавни површини, при што во група од двајца не се вбројуваат децата под 14 години на тие лица, но овој исклучок важи само за термините кога е дозволено движење на млади лица, надвор од полицискиот час.