Угостителските објекти се затвораат на две недели, полицискиот час ќе започнува два часа порано односно од 20 часот до пет часот следното утро.
Покрај ова се затвораат и фитнес центрите и се забранува одржување на конференции и разни обуки, ова се новите рестриктивни мерки кои ги соопштија премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.
Главна причина е зголемувањето на бројот на заразени и починати, како и преоптоварувањето на здравствениот систем кое што, според властите, е најголемо од почетокот на епидемијата од коронавирусот.
– Почнувајќи од 7 април 2021 (среда), сите угостителски објекти (кафеани, ресторани, барови, клубови) ќе имаат целосна забрана за гости/посетители. Оваа мерка, како што денеска одлучи Владата на Македонија, по предлог на Комисијата за заразни болести ќе важи до 20 април 2021 година (среда). Целосна забрана да примаат гости ќе имаат и хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување или на бензински станици кои имаат делови за служење храна. Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.
Исклучок се рестораните во склоп на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, како и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле” во Охрид.