Од 16 до 22 октомври донации во парични средства и храна по повод Неделата за борба против гладта

Во периодот од 16 до 22 октомври традиционално се одбележува Неделата за борба против гладта. Статистиката вели дека повеќе од една милијарда луѓе ширум светот се недохранети, што е 15% или една шестина од целото човештво. 

Црвениот крст на Република Северна Македонија по повод Неделата на борба против гладта, организира кампања под мотото „Помислете и на нас“. Со кампањата, како и со многу други хуманитарни активности, Црвениот крст дава придонес во севкупните напори кои се преземаат во државата за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост на граѓаните. Во рамките на кампањата се организираат хуманитарни акции за обезбедување донации во парични средства и храна во соработка со стопанските комори во републикава во соработка и поддршка на компании, здруженијата на граѓани, и граѓани. Активностите за кампањата се имплементираат преку општинските организации на Црвен крст и Црвениот крст на град Скопје.

Донациите можат да се уплатат на сметката на Фондот на солидарност на Црвениот крст на РСМ во  Комерцијална банка Скопје, како и 100 денари преку мобилните телефонски броеви: 070/075/077 143 400.

Донираните средства од хуманитарните акции ќе бидат наменети за обезбедување на храна за помош на ранливи целни групи на население во заедниците во земјата.

Воедно, Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Кочани преку  Проектот  Народна кујна во соработка со  Министерството за труд и социјална политика секојдневно дели вкупно  58 топли оброци на граѓани од Кочани, Чешиново – Облешево  и Зрновци кои се социјално најзагрозени и немаат средства да си обезбадат ниту еден оброк во текот на денот. Храната се готви  и  обезбедува во  градинките во трите општини.

Сподели: