Градот Кочани и годинава од 20 до 26 мај ќе биде домаќин на 61. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија (ДАФ).
Под мотото „Знаеме што сме, но не знаеме што може да бидеме“ на шестдневна програма ќе настапат десетина домашни и драмски групи од регионот.
На отворањето на фестивалот театарска игра ќе изведе Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес со претставата „Вечера за глупаци“. Покрај тоа, во конкуренција за наградите, на овогодишната фестивалска програма љубителите на театарската игра ќе може да ги проследат претставите на домашни и драмски групи и ансамбли од Ниш, Крагуевац, Прокупље и Смедеревска Паланка од Република Србија.
Годинава на Фестивалот ќе бидат доделени вкупно осум награди, за најдобра женска епизодна улога, најдобра машка епизодна улога, најдобра женска главна улога, најдобра машка главна улога ‘Никола Димитров’, за најдобра режија ‘Борис Стојчев’, награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци, како и гран при ‘Васил Ќортошев’. Драмските, уметничките и етичките вредности на актерите и аматерските драмски проекти во целина ќе ги оценува тричлена жири комисија.
Во текот на шесте фестивалски денови, на сцената на Центарто за култура „Бели мугри“ ќе се изведуваат по три претстави дневно – во пладневниот, вечерниот и ноќниот термин.
Фестивалската програма ќе биде збогатена со придружни културни манифестации, а поддршка во нејзината реализација е добиена од Министерството за култура и од Општина Кочани.