Од 22 до 27 мај – Во Кочани 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија

На годинашното јубилејно 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија ќе настапат вкупно 12 домашни и странски театарски групи што од 22 – 27 мај ќе се одржи во Кочани.

На повикот за учество што во срединат на март го објави Управниот одбор на ДАФ се пријавиле 16 театарски групи од Македонија, Србија, Хрватска и Турција. По завршената селекција одбрани се десет претстави што ќе бидат прикажани во натпреварувачки и две во ревијален дел.

– Подготовките за одржување на јубилејното издание на ДАФ се при крај, а селекторот Игор Џамбазов веќе го заврши изборот на театарските претстави. Во програмата на натпреварувачкиот дел ќе настапат театри и театарски групи од Кавадарци, Кочани, Скопје и Тетово, потоа од Прокупље, Ниш и Шид од Република Србија, како и од Вуковар од Република Хрватска. Надвор од конкуренција ќе учествува народниот театар од Велес, како и една театарска група од Турција. Учесниците се веќе известени за изборот, а во текот на следната недела треба да ги утврдиме распоредот и сцената за настап на актерите, по што ќе биде објавена комплетната фестивалска програма, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.

На годинашното издание на ДАФ ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка епизодна и главна улога, за најдобра режија, за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци и гран при „Васил Ќортошев“.

Финансиската поддршка за реализацијата на Драмскиот аматерски фестивал годинава е обезбедена од Министерството за култура на Македонија, од Општина Кочани и спонзорства од бизнис секторот во регионот.

Сподели: