ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Кочани почна со собирање потписи за поништување на Законот за попис

Со штандови на отворено во Градскиот парк во Кочани, ОК на ВМРО-ДПМНЕ  ја започна иницијативата за собирање потписи со цел поништување на Законот за попис, под мотото „Стави го својот потпис за вистински попис“.

-Власта насилно и нетранспарентно го туркаше законот за попис, злоупотребувајќи европско знаменце. И во онака скратената собраниска постапка, владеачкото мнозинство ги одби сите 40 амандмани кои ВМРО-ДПМНЕ конструктивно ги предложи да го подобори законскиот текст. Како резултат на ваквиот насилен процес добивме закон кој не гарантира статистичка туку политичка операција.  Самиот факт што за релевантноста на резултатите потребен е врзан потпис на директорот и заменик-директорот на ДЗС доволно покажува дека се работи за политички пазар на партиите од власта, што не гарантира реални податоци, туку фалсификат, истакна Мирче Стојков, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Кочани.

Стојков додаде дека според актуелниот закон на пописот се предвидува да се попишуваат лица нерезиденти кои се иселени од Македонија, спротивно на сите стандарди за попис на постојни жители. Попишувањето може да се врши со обично диктирање на матични броеви, без приложувања на документи и дополнително таквите информации да ги дава лице кое добро ги познава другите лица за кои ќе соопштува податоци. Стојков е дециден дека  владејачкото мнозинство мора  да го повлече Законот за попис од собраниската дебата и да организира внатрепартиска и внатредржавна дебата на целата територија на државата.

Штандови на кои граѓаните ќе можат да се потпишат за поддршка на иницијатаивата ќе бидат отворени и во текот на следните два дена (недела и понеделник) во периодот од 12:00 ч. до 15:00 ч, во Градскиот парк во Кочани.

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ  – Кочани информираат дека во наредниот период граѓанската иницијатива за собирање на потписи ќе продолжи и со штандови во околните населени места, како и собирање на потписи од врата на врата.

Сподели: