Омикрон го зголеми интересот за вакцинација со трета доза против Ковид – 19 во Кочани

Новата варијанта на коронавирусот Омикрон го зголеми интересот за вакцинација со трета доза на вакцина против Ковид-19 , и тоа највеќе кај повозрасното население над 60 години, додека за прва доза вакцина интересот е многу мал, информираат од вакциналниот пункт во кочанската Општа болница.

На вакциналниот пункт во Кочани дневно се аплицираат околу 100 вакцини, од кои најголем дел, околу осумдесет се ревакцини со втора и трета доза, а дваесетина граѓани примаат прва доза на вакцина.

– Вакцинацијата продолжува, до овој момент имаме најголем интерес кај граѓаните  за трета доза вакцина против Ковид-19. Тоа уште еднаш го потврдува фактот дека сите оние граѓани кои се имунизирани со прва и втора доза, доаѓаат да се имунизираат и со трета, бустер доза. Во моментот на располагање имаме вакцини на производителот Фајзер кои се користат за вакцинација и ревакцина, истакна Д-р Иле Постолов, координатор на вакциналниот пункт во Кочани.

Досега на вакциналниот пункт се имунизирани 28 илјади граѓани, од кои 25 илјади граѓани со прва и втора доза и само 3 илјади со примена трета доза вакцина.

Според новиот протокол за вакцинација, по истекот на три месеци од примањето на втората доза, граѓаните може да се вакцинираат со трета доза, без закажување на вакциналниот пункт во Кочани. Пунктот е отворен од понеделник до сабота, во периодот од 07 ч. до 15 ч.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: