Онлајн наставата во СОУ„Љупчо Сантов“ се одвива без посериозни проблеми

Без посериозни проблеми се одвива онлајн наставата во СОУ„Љупчо Сантов“, информира директорот на кочанската гимназија, Игор Христов.

Професорите и учениците се привикнуваат на далечинското учење, а предизвиците што се јавуваат во текот на онлајн наставата се надминуваат тековно.

-Онлајн наставата се одвива комбинирано. Дел од професорите  коишто имаат потешкотии или евентуално немаат соодветна компјутерска техника наставата ја водат од училиштето, додека пак  учениците од дома. Како училиште имаме укажување од Министерството за образование дека  доколку ученикот не може соодветно да ги совлада наставните материјали, во група од по три ученика професорот може да ги повика и да изврши консултации  за материјалот со физичко присуство, независно што ние како училиште немаме одобрение за физичко присуство на наставата, изјави Игор Христов, директор на СОУ„Љупчо Сантов“ Кочани.

Христов додаде дека наставниот кадар е обучен за користење на платформата за далечинско учење, а доколку се појават нејаснотии во текот на користењето има технички персонал кој пружа поддршка во надминување на проблемите на наставниците и учениците.

Училниците се опремени со компјутер и интернет врска.Поради проблеми со  проток на брзината на интернетот, училиштето дополнително ја појачува интернет врската, се со цел обезбедување на постојана брзина на интернетот во училиштето.

Менаџерскиот тим на СОУ „Љупчо Сантов“ меѓудругото го користи отсуството на учениците за подобрување на инфраструктурата во училиштето.

Во моментот се врши реконструкција на спортските терени во дворот на кочанската гимназија како и осветлување на просторот од источната страна на училиштето.  Кошаркарското игралиште коешто е во руинирана состојба ќе биде целосно преуредено и ќе биде наменето и за одбојка, а дополнително ќе се постават  и осум фитнес справи. Исто така во тек е и освелтување на влезот од источната страна на училишната зграда, каде ќе бидат поставени 32 канделабри.

Инфраструктурните проекти се спроведуваат со средства од блок дотациите на училиштето.

И.Матеничарски

Фото: А.Арсов

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial