ООМУ „Ристо Јуруков“ вчера во просториите на училиштето одржа концерт на пијано, по повод Светскиот ден на пијаното.
На концертот настапија 18 млади пијанисти од музичкото училиште од класите на наставниците во училиштето. Во преполната сала пред публиката изведоа низа дела од светски познати композитори.
– На 88 ден од годината го славиме Светскиот ден на пијаното. Симболично, токму поради 88-те црни и бели клавиши на овој инструмент. На денешниот ден ќе ги промовираме нашите млади пијанисти, да ги поддржиме во нивните успеси и напредоци, изјави Марија Лазарова, директорка на музичкото училиште.
Во рамки на чествувањето на Денот на пијаното, на 4 април е закажана трибина по повод денот под наслов „Почетната школа на пијано“ чиј предавач ќе биде Д-р Милица Шкариќ, професор при Музичката акедемија при универзитетот во Штип. На семинарот учество ќе земат наставници од кочанското музичко училиште како и гости од Охрид и Гевгелија. Планиран е настанот да биде заокружен со заеднички концерт на учениците од основните музички училишта.