ООУ „Малина Попиванова“ – Кочани денеска организираше отворен ден за идните првачиња со цел запознавање со училиштето и начинот како се одвива наставата.

По тој повод беше организиран прием на деца од големите групи од повеќе клонови од ДГ „Павлина Велјанова“ при што домаќините за посетата приредија забавни содржини и музика за идните првачиња.

– Денеска ги запознаваме идните првачиња со нашето училиште, кои услови ги нудиме за нив. Тие ќе имаат можност да се запознаат со училишната зграда, училниците, дворот целиот објект и начинот како се одвива наставата. Во училишниот двор направивме забавен полигон, спортски игри, музика и децата се забавуваат, истакна Благој Петров, директор на ООУ „Малина Попиванова“.

Активноста беше искористена и за реализација на проект „31 причина да го сакаме нашиот јазик“ преку цртање на три мурали во училишниот двор.

– Проектот „31 причина да го сакаме нашиот јазик“ е дел од манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ финансиран од Министерството за култура на Северна Македонија. Проектот подразбира изработка на три мурали во училишниот двор на ООУ „Малина Попиванова“. Јас и ликовни уметници од Кочани заедно со учениците денес изработуваме мурали со тема да ги оплемениме ѕидовите со македонските букви и зборови, рече Викторија Митева, од ООУ „Малина Попиванова“.
И. Матеничарски

