ООУ „Никола Карев“ доби нова библиотека за учениците и вработените

Основното општинско училиште „Никола Карев“ – Кочани ја реновираше училишната библиотека при што денеска по повод Месецот на книгата што се одбележува во периодот од 15 октомври до 15 ноември ја пушти во употреба за учениците и вработените.

– По повод Месецот на книгата, денес во ООУ ,,Никола Карев” беше пуштена во употреба реновираната училишна библиотека во која учениците и вработените ќе имаат можност да ги позајмуваат потребните лектири, прирачници и слободна литература. Покрај книги, библиотеката е опремена и со таблети на кои учениците можат да пребаруваат и да ги користат за ИКТ содржини. Библиотеката има и мини читална каде учениците можат да истражуваат и да ги прават своите проекти и презентации. Се надеваме дека успеавме да ја направиме библиотеката пријатно катче каде учениците и наставниот кадар ќе се чувствуваат пријатно и ќе ја пронајдат потребната литература – истакнаа од ООУ „Никола Карев“ – Кочани.

Во рамки на одбележувањето на месецот на книгата беа промовирани делата „Борко Брзозборко“ и  „Спирко Немирко“ од авторката Ксенија Маказлиева – Трајчева како и презентација на списанијата „Росица“, „Другарче“ и „Развигор“.

И. Матеничарски  

Сподели: