Од името на Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз – Кочани упатуваме огромна благодарност до гласачите што го искористија своето граѓанско право на Предвремените парламентарни избори.
Им благодариме што во политиките на Владата на СДСМ, но и во програмата за работа во претстојниот период препознаа подобро утре со заложби за поквалитетен живот.
Задоволни сме од победата на СДСМ во Кочани. На нашите политички противници од ДПМНЕ им го честитаме постигнатиот резултат. За разлика од нив, имаме доволно доблест за тоа.
Жалиме што и во овој изборен циклус докажаа дека не се откажуваат од манипулациите како што се поткуп за гласање, уцени, агитирање од страна на највисоките партиски структури во време на предизборен молк.
Oд причини што го кршеше демократскиот капацитет на граѓаните, што го порази партиското членство не само со изборниот резултат, туку и со одредени претходни активности, го повикуваме неофицијалниот нов пратеник од редовите на ДПМНЕ, Миле Лефков да си поднесе неотповиклива оставка. Сметаме дека Лефков нема легитимно право да ги претставува граѓаните на Кочани.
Почитуван Миле Лефков,
Вашето место е во Маларија и Кукузел, а не во Собранието. Многу е лицемерно да ве плаќаат граѓаните што ги плукавте преку лажните портали и фејсбук профили. Зарем вие кој на граѓаните им ги кроевте личните и семејните судбини, за кои ширевте лажни информации и ги нагрдувавте со разни епитети, сега ќе ги застапувате нивните интереси и ќе носите корисни закони за нив?!
Таков лицемерен пратеник не им е потребен.
Ве повикуваме да си дадете неотповиклива оставка и од местото координатор на Општинскиот комитет. По завршувањето на изборите, честитките коишто пристигнаа до нас од членови на вашата партија беа проткаени со коментари дека тоа е неодминлив чекор. На нас, како СДСМ ни треба партија што ќе биде конструктивна опозиција. Партија што ќе работи со аргументи, а не со лаги и флоскули. Заминете од политиката заради доброто на Кочани, заради себе.
Се сомневаме дека ќе ги прифатите нашите предлози. Но, како и да е, вие секако сте во политичко изумирање.
ОО на СДСМ – Кочани