Судија на претходна постапка од Основен суд Кочани определил мерка притвор по предлог на Основното јавно обвинителство Кочани на тројца малолетници кои се сомничат дека како соизвршители сториле кривично дело разбојништво, за што веќе информираа од МВР.
Станува збор за малолетници кои се сомничат дека во претходниот период извршиле повеќе од 30 кривични дела “кражби”, “тешки кражби”, “тешки кражби на дрзок начин”, “разбјнички кражби” и “разбојништво”.
– Постапувајки по кривичната пријава, ОЈО Кочани на судија на претходна постапка при Основен суд Кочани му предложи, а судот донесе решение спрема осомничените да се определи мерка притвор во траење од 30 дена, затоа што, постојат особени околности дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоци, и особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело. Имено, се работи за малолетници кои се сторители на повеќе кривични дела претежно против имотот, изрекувани им се мерки за помош и заштита и вонзаводски воспитни мерки согласно Законот за правда за децата, кои останале без успех во делот на превоспитувањето и одвраќањето во иднина да не вршат кривични дела, но истите и понатаму продолжуваат со своето асоцијално однесување како сторители на кривични дела, стои во известувањето испратено по барање на интернет-порталот „Гласно“.
Од наводите и доказите, додаваат од ОЈО-Кочани, со кривичната пријава се потврдува основаното сомнение дека го сториле кривичното дело. Основаноста на сомнението произлегува од доказите приложени кон известувањето/кривичната пријава од ОВР – Кочани.
– Имајки ги во предвид напред наведените околности, ОЈО Кочани смета дека изрекувањето на мерката притовор е најсоодветна во конкретниот случај за непречено водење на постапката и посебно спречување на осомничените да не го повторат кривичното дело. Мерката притвор е поддржан и од страна на ЦСР – Кочани, информираа од ОЈО Кочани.
Од обвинителството истакнаа дека се преземаат дејствија за забрзано водење на постапката со оглед дека осомничените се малолетници, во смисла на траење на мерката притвор во што е можно пократок рок, по што ќе се произнесе со јавнообвинителска одлука за предложената воспитна мерка од заводски тип од ЦСР Кочани, Упатување во воспитно поправен дом.
И. Матеничарски