Локалната самоуправа на Општин Зрновци објави повик за пробивање и изградба на пристапен полски пат во месноста „Убаво поле“ за што се обезбедени средства во висина од над 1,5 милиони денари.
Финансиската поддршка од 920 илјади денари за пробивање на пристапен полски пат е обезбедена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека остатокот е обезбеден од Буџетот на Зрновци по претходна согласност од Советот на општината.
– За реализација на проект „Изградба на пристап пат до земјоделски површини во атарот на м.в. Убаво поле“, распишан е и повикот од страна на општина Зрновци за избор на фирма изведувач. За реализација на истиот со финансиска конструкција со вклучен ддв од приближно 2 000 000 денари , од кои 1 000 000 се обезбедени од АФПЗРР , и приближно 1 000 000 денари средства од сопствен буџет на општина Зрновци. Очекувам да се започне со реализација веднаш по завршување на постапката, односно почетокот на месец март. Со реализација на овој важен проект проблемите со транспорт и пристап до земјоделските површини во овој дел ќе станат минато, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Според техничката спецификација е предвидено да се пробијат и изградат два крака од полски пат во менсоста Убаво поле во вкупна должина од околу 1,6 километри.
Јавниот повик за избор на изведувач на градежните работи трае до 22 февруари, а по потпишувањето на договорот со избраниот понудувач, тој ќе има обврска проектот да го комплетира во рок од 2 месеци.
Проектот е финансиран од мерката 124 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 год.