Општина Кочани и „Нула отпад“ – со еколошка едукација за правилен третман на опасниот отпад


По повод 22 Април, Меѓународниот ден на планетата Земја, Општина Кочани и лиценцираниот колективен постапувач за отпадни батерии и акумулатори и отпадна електрична и електронска опрема „Нула oтпад“ од Скопје, реализираа едукативна кампања.

Со еколошката едукација беа опфатени учениците од I до III одделение од шесте основни училишта и децата од голема група од градинките од општина Кочани. Преку креативни активности децата учеа за правилна селекција на опасниот отпад и начинот за постапување со него, како и за воспоставување систем за управување на отпадни батерии во садови за рециклирање во училиштата и градинките и сите поважни институции во општината.

Целта на оваа кампања е најмладите да осознаат дека овој отпад навидум изгледа како нетоксичен, но неговото неселектирање и мешање со останатиот комунален отпад и отпад од домаќинството, неговото несоодветно третирање, уништување и депонирање доведува до испуштање на тешки метали како жива, олово, кадмиум во воздухот, водата и почвата, коишто сериозно влијаат на здравјето на граѓаните и воопшто на квалитетот на животната средина.

– Краткорочни решенија и резултати нема во ова што ние го работиме. Активностите во училиштата и градинките ги спроведуваме континуирано од самите наши почетоци и така ќе продолжиме. Ефектите ги гледаме веднаш по направените едукации. Децата се наши екоамбасадори кои наученото го пренесуваат дома, на родителите и своето поблиско опкружување, додека вистинските резултати ги очекуваме на долг рок со креирање нови генерации со висока еколошка свест – велат од „Нула отпад“.


Со цел да не изостане еколошкото образование во услови на пандемија кога воспитно образовен систем е дигитализиран, „Нула отпад“ подготви и дигитална онлајн екоедукација за основните училишта и градинки.

Во рамките на одбележувањето на Денот на планетата Земја, во училиштата се реализираа разни активности за разубавување и озеленување на непосредната околина.

Сподели: