Општина Кочани: Според извештајот на ИРИ – Николчо Илијев – градоначалник со највисоки оценки од граѓаните


Врз основа на квалитативното истражување спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од страна на агенција за истражување на пазарот БРИМА, градоналачникот Николчо Илијев е со највисок рејтинг меѓу македонските градоначалници.

Во соопштението испратено до медиумите од страна на Општина Кочани се вели:

„Неодамнешната квалитативна студија спроведена од страна на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажа дека градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев е со највисок рејтинг меѓу македонските градоначалници односно влегува во тесната група градоначалници кои добиле позитивни оценки од страна на граѓаните.

Позитивно оценетите градоначалници активно комуницираат, ги одржуваат ветувањата и се достапни за граѓаните, стои во извештајот на ИРИ.  Тоа претставува отскокнување од општата слика што надвладува во македонскиот простор. Всушност, истражувањето посочува дека граѓаните во голема мера се незаинтересирани да учествуваат во локалната власт, и како причина за тоа е неангажираноста и рамнодушноста на избраниците кон гласачите. Граѓаните честопати не се запознаени ни со имињата и работата на општинските советници.Во анкетата што била спроведена на терен, е цитиран и ставот на 40-годишна жителка на Кочани која истакнала дека актуелниот градоначалник на Кочани има отворен пристап за секој што сака да разговара со него. Гостопримлив е, ги прифаќа размислувањата на соговорникот, добро слуша и објаснува. Дополнително таа истакнала дека Илијев не избира со кого ќе разговара без разлика дали е ден за прием на странки, односно дека е достапен, во секое време. Дополнително, анкетирани граѓани сметаат дека има видливо решавање на проблемите во општината, односно неговата работа тие ја оцениле како многу подобра од онаа на претходните градоначалници , поради што му е дадена оценка „личност од акција“.

Квалитативното истражување е спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од страна на агенција за истражување на пазарот БРИМА. Истражувањето се заснова на 21 онлајн дискусија во фокус групи што се одржале во 18 општини, од 3 март до 9 април 2021 година. Дискусиите во фокус групи беа спроведени со полнолетни, неопределени гласачи од различни сегменти на населението. Резултатите не ги претставуваат мислењата на сите неопределени гласачи“.

Општина Кочани

Сподели: