Општина Кочани објави јавен повик за прибирање на понуди за набавка на опрема за новото теренско интервентно возило на Територијалната противпожарна единица – Кочани што неодамна го доби како донација од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Според спецификацијата на јавната набавка, Општина Кочани со сопствени средства планира да набави пумпа со резервоар и специјални млазници за интервенции при гасење на пожар во износ од 720 илјади денари. Минималниот капацитет на вода кој резервоарот треба да го собира е 400 литри, со притисок од 150 бара и проток на вода од 30-40 литри во минута.
Со набавката на дополнителната опрема целосно ќе се докомплетира новото интервентно возило кое ќе биде од голема корист за интервенции за планински и полски пожари поради неговата мобилност.
Возилото е добиено како донација во рамки на проектот „Зајакнување на општинските Совети“ што се спроведува преку програмата за развој на Обединетите нации, УНДП.
Рокот за прибирање на понуди во врска со јавната набавка тече до 22 февруари.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов