Во рамки на Програмата за активностите на Општина Кочани во областа на заштитата на животната средина за 2021 година, Советот на Општина Кочани на наредната седница закажана за в четврток ќе расправа по предлог одлуката за субвенционирање на жители на Кочани за покривање на дел од трошоците за купување на велосипед како и начинот и потстапката за добивање на субвенцијата.

Вкупните средства планирани за субвенционирање на граѓаните жители на општина Кочани во дел од трошоците за велосипед изнесуваат 350.000,00 денари со вклучени средства за исплата на персонален данок. Висината на поединечната субвенција по барател/домаќинство ќе изнесува 3.000,00 денари во нето износ, а субвенционирањето ќе се врши во рамките на планираните буџетски средства според принципот: „прв дојден, прв услужен“.
За субвенционирање на граѓаните жители на општина Кочани во трошоците направени за велосипед Oпштина Кочани ќе објави јавен повик.
Според предлог одлуката субвенции ќе добијат граѓани жители на општина Кочани што ќе ги направат трошоци за купување на велосипед во периодот на траење на јавниот повик, кој ќе биде утврден во објавата на Општина Кочани.
Во предлог одлуката се утврдени услови кои ќе треба да ги исполни барателот за субвенционирање за велосипед и тоа:
– да е полнолетен жител на општина Кочани,
– да е платен данокот на имот за станбениот објект во кој живее,
– велосипедот да е купен во периодот на траење на јавниот повик сметано од денот на објавувањето,
– во домаќинството да нема друг член што поднел барање за добивање субвенција за ваков вид на субвенција.
Со барањето за субвенционирање ќе треба да се достави и следната документација.
– копија од важечка лична карта или важечка патна исправа,
– копија од трансакциска сметка,
-изјава за давање согласност за користење лични податоци,
– изјава за семејна состојба,
– потврда од Општина Кочани дека e платен данокот на имот за станбениот објект во кој живее подносителот на барањето,
– фотографија за купениот велосипед,
– доказ дека купувањето на велосипедот е извршено во периодот на траење на јавниот повик и тоа фискална сметка или фактура со извод од банка за извршена уплата за купениот велосипед или Договор за плаќање на рати со прилог доказ за платена прва рата (во оригинал или копија заверено кај нотар),
– изјава заверена кај нотар, со која барателот под морална, материјална и кривична одговорност ќе потврди дека во домаќинството нема друг член што поднел барање за добивање на овој вид субвенција и дека е согласен на барање на Комисијата да го донесе на увид купениот велосипед во дворот на административната зграда на Општината, во спротивно барањето за субвенција ќе биде одбиено.
Предлог одлуката за субвенционирање за купување на велосипеди ќе биде точка за расправа на седницата на Советот на Општина Кочани закажана за в четврток, 28 јануари.