Општинската администрација од Кочани ќе се сели во зградата на поранешниот Правен факултет. Први во новиот објект ќе влезат членовите на општинскиот Совет,a големиот амфитеатар ќе стане сала за седници. Одлуката веќе е донесена, а ќе бидат потребни малку средства овој дел од објектот да биде ставен во функција. Повеќе ќе чини реконструкцијата на кровот што веќе протекува на неколку места.
„Она што го презема Општина Кочани е изработка на проект за реконструкција. Се планира определен дел од општинската администрација, комуналното претпријатие, во фази да се преселат во објектот и да биде ставен во функција рече Александар Јосифов , секретар на Општина Кочани.
Новиот простор треба да го реши и сообраќајниот хаос во центарот на градот. Со преселбата на ЈП „Водовод“ ќе се отвори можност нивната сегашна зграда и објектот на старата пожарна да се урнат и на нивно место да се направи катна гаража.
Јосифов додаде дека со доработка на Урабистичкиот план број 6 е предвидвидено катна гаража со што ќе се задоволат моменталните потреби на градот. Тоа е единствено земјиште на Република Македонија и може да биде испланирано за таков објект.
Зградата на правниот факултет Кочани ја доби од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ што по неколку години под клуч реши да и ја врати на државата. Со промената на Законот за основање на УГД формално престанaa да постојат и факултетите во Виница и Пробиштип, каде универзитетот немал свои објекти туку плаќал наем, додека објектот на некогашниот Машински факултет во Радовиш под свое си го зема тамошната општина.