Оризопроизводителите и откупувачите договорија откупна цена на оризот – 3 илјади тони оризова арпа ќе се откупат до крајот на декември

35 денари за ситните и 40 денари за едрите оризови сорти во зависност од рандманот ќе биде откупната цена на оризовата арпа договорија оризопроизводителите и откупувачите на ориз во посредство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на средбата денеска во Кочани.

До крајот на календарската година, заклучно со 31 декември е предвидено да се откупат дополнителни 3 илјади тони оризова арпа, додека на почетокот на следната година според најавите ќе се направи и државен откуп за стоковите резерви.

– На втората средба помеѓу оризопроизводителите и откупувачите на ориз е договорено да се откупат 3 илјади тони ориз до 31 декември. Цената е договорена и ќе се утврдува согласно рандманот што ќе го има оризот. Секој земјоделец кој има сомнеж во врска со утврдувањето на рандманот што го утврдува откупувачот на ориз ќе може бесплатно да го провери во Институтот за ориз во Кочани, во делот на рандманот и влагата за да се оттргне секој сомнеж. Државниот инспекторат за земјоделство ќе го следи целиот процес на откуп, истакна Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот Трипуновски додаде дека на почетокот на следната година, државата ќе откупи количини за стоковите резерви со цел да се излезе во пресрет на оризопроизводителите. Притоа, истакна дека ќе се прави сериозна стратегија во делот на семенскиот материјал, препарати како и доволните количини на вода за наводнување, со цел да се работи на предвидливост на секторот и секој земјоделец за може да знае какви услови се нудат и како да го планира производството.

И. Матеничарски

Сподели: