Оризопроизводителите од Кочанско со низа барања до надлежните – 40 денари од килограм арпа и проширување на ковид мерката за земјоделците се дел од барањата

Производителите на ориз од кочанскиот регион денеска ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат Штип – Кочани кај селото Облешево, изразувајќи го незадоволството од ниските откупни цени на арпата и белиот ориз, како и поради драстично зголемените трошоци за ѓубрива, заштитни препарати и други давачки.

На граѓанскиот протест земјоделците со земјоделска механизација повеќе од еден час го блокираа патниот правец, при што додадоа дека доколку нивните барања не се остварат и не дојдат надлежните на разговор протестот ќе се радикализира со блокирање и на двете ленти од магистралниот пат.

– Протестот е продолжение на претходните протести кои ги организиравме претходно. Нашите барања се, најниската цена на оризовата арпа да биде 40 денари, бараме проширувње на ковид мерката од 3 денари по килограм предадена арпа, односно да бидат опфатени сите оризопроизводители што произведуваат оризова арпа. Мерката да биде продолжена и да трае до 1 септември 2022 година. Субвенциите да бидат исплатени до февруари, а зелената нафта да биде зголемена. Исто така наше барање е и реформирање на АД „Водостопанство“, односно негово враќање во старите граници каде земјоделците сами си ги наводнуваа површините, како форма на здружување, водна заедница или општинско водостопанство, истакна Тони Максимов, оризопроизводител.

Оризопрозиводителите се незадоволни од договореното со Владата бидејки мерките и помошта кои била договорени на претходните средби со претставници на Владата и Министерството не се реализирани.

– Се што ни ветија од Владата не исполнија ни еден процент. Со субвенциите од 3 илјади денари бевме излажани бидејки ни беше ветено дека до крајот на 2021 година ќе бидат исплатени. Беше договорено и со ковид мерката од 3 денари по килограм предадена арпа да бидат опфатени сите земјоделци, но и тоа не го исполнија.  Ние не можеме ни да преживуваме, не да живееме. Браме да дојдат претставници од Владата и Министерството овде на протестот и да разговараме, доколку не дојдат ќе ја блокираме и другата лента. Не бараме ни апанажа, ни ваучери за одмори, бараме само да ни се исплати нашиот труд, рече Здравко Арсов, член на организациониот одбор на протестот.

Од Иницијативниот одбор за заштита на оризопроизводството истакнаа дека поради зголемените цени на репроматеријалите за одгледување на ориз и ниската цена на откупот на арпата и белиот ориз на став се годинава оризните ниви да останат непосеани. Оттаму упатија апел до надлежните од Владата и Министерството за земјоделство да изнајдат начин и да им се излезе во пресрет до пред почетокот на сеидбата.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: