Оризопроизводителите повторно на протест, бараат утврдување на повисока откупна цена на оризот и итна исплата на субвенциите

Оризопроизводителите од Кочанско денеска повторно излегоа на протест, втор за неполн месец, со барање до ресорното министерство и Владата да се изнајде заедничко решение за откупната цена оризовата арпа и белиот ориз  при што  побараа и итна исплата на субвенциите.

Во помал број за разлика од претходните протести, со земјоделска механизација оризопроизводителите ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат Штип –Кочани во Облешево, со надеж дека Владата и Министерството ќе имаат слух за нивните барања.

-Денес се соочувме со повторен револт на земјоделците. Откуп не постои, дефинирани цени за откуп не постојат. Се соочуваме со преживување на земјоделците. Ниту жетвените активности ниту тековните обврски кон субјектите се задоволени. Неопходен е итен ангажман од страна на Министерството за земјоделство и Владата, за изнаоѓање на соодветни решенија. Прво би било итна исплата на субвенциите на оризопроизводителите. Како второ заедничка средба со Министерството и Владата да се направи севкупна анализа на состојбите со цел да се утврдат цени кои ќе се прифатливи за оризопроизводителите и кои не би биле пониски за арпата од 25 до 30 денари и за белот ориз од 55 до 60 денари. Доколку не се реши проблемот ќе ги блокираме двете ленти на коловозот, истакна Ставре Јанев, претседател на Синдикатот на земјоделците.

Претставници на оризопроизводителите од Кочанско пред две недели се сретнаа со  Претседателот на Владата Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа при што на средбата биле изнесени предлог-решенија за решавање на проблемот со оризопрозиводителите. Во обидот да се изнајде решение за откупните цени на оризот, од Министерството за земјоделство организираа средба и со откупувачите на ориз, но не успеаа да изнајдат заедничко решение за утврдување на цените на арпата и белиот ориз. Во таа насока премиерот Заев, на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз, со цел да се излезе во пресрет на земјоделците најави дополнителни 3 денари на постоечките субвенции.

-Ова што денес се случува со оризопроизводството и со земјоделците воопшто е срам за државта. Оризопроизводителството е во многу лоша состојба. Пониска цена имаме во производството одколку што ни го откупуваат. Репроматеријалите се качени сто отсто, арпата ни ја откупуваат по 17 денари по килограм, а не ја исплаќаат. Трошоците се зголемени 100 отсто, ние наредната година во ваква ситуација нема да можеме да започнеме со сеидба, рече Тони Максимов, оризопроизводител од Кочанско.

Оризопроизводителите на протестот во Облешево испратија последно предупредување до надлежните при што додадоа дека доколу во најскоро време не се изнајде решение за откупните цени ќе ги радикализираат протестите.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: