Оркестарот на АТМИ „Митко Алексов“ одржа целовечерен концерт во Свети Николе

Во текот на продолжениот викенд Ансамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани имаше повеќе активности и  настапи со оркестарот меѓу кои позабележителен  е целовечерниот  концерт во Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе на кој  ансамблот ја претстави чалгиската и традиционална музика.

За време на викендот оркестарот зеде учество и на  фестивалот „Инструментите на нашите претци“  во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ Скопје и на фестивалот „Оро весело“ во Општина Радовиш.

-Концертот се одржа во Свети Николе, каде бевме гости имавме прекрасна публика и домаќини. Изразувам благодарност до Домот на културата во Свети Николе. Бевме дел и од фестивалот во Скопје во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, а настапивме и на фестивалот „Оро весело“ во Радовиш. На целовечерниот концерт во Свети Николе настапивме заедно со Тијана Јаневска со повеќе чалгиски песни како, „Со маки сум се родила“, „Ај Ѓурушице“, со чалгиските ора „Невестинско венчално“ и „Рамно велешко“ како и со традиционалниот репрертоар на ансамблот  ората „Јанино“, “Женско крстено“ и „Ор невесте“, изјави Ристе Ѓорѓијев, уметнички директор на АТМИ „Митко Алексов“

Следна активност на ансамблот е настапот во  Кавадарци на 14. октомври со чалгискиот и традиционалниот оркестар.

-Ансамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани со чалгискиот и традиционалниот оркестар во соработка со Ангела Богдановска и Матеј Тушевски ќе одржи концерт во Кавадарци, по покана на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ и по покана на Општина Кавадарци. Концертот ќе се одржи на 14.октомври со почеток од 19:00 часот на плоштадот во Кавадарци. Сакам да упатам голема благодарност за поканата, а воедно ги повикувам сите кои се заинтересирани да присуствуваат на концертот, додаде Ѓорѓијев.

Ансамблот „Митко Алексов“ иако е релативно млад ансамбл  формиран на почетокот на 2020 година сепак членовите кои се 180 на број  имаат учествувано на многу фестивали и манифестации во републикава. Ансамблот „Митко Алексов“ од Кочани се залага за едукација и зачувување на традиционалната игра и музика. Плановите за иднина се настапи и во странство зависно од состојбата со КОВИД-19.

Сподели: