Осветен деветметарскиот крст кај параклисот „Св. Димитриј“ во Трајаново Трло

По повод христијанскиот празник Св. Димитриј – Митровден попладнево на црковно – народен собир кај параклисот „Св Димитриј“ во Трајаново Трло во Кочани беше осветен деветметарскиот крст поставен во дворот на црковниот параклис.

Чинот на осветувње го изврши Митрополитот Брегалнички Владиката г. Иларион во сослужителство на свештеници од кочанското архиерејско намеснишство. Претходно, во параклисот беше отсужена литургија во чест на празнувањето на светителот.

Со молитви кон светителот и палење на свеќи верниците од целиот град посакаа здравје и бериќет за себе и своите фамилии.

Параклисот во Трајаново Трло „Св. Димитриј“ започна да се гради пред една година со благослов на Брегалничката Епархија од страна на Црковниот одбор на храмот преку донации на граѓани и стопанственици. За една година преку  донации на граѓани и компании Црковниот одбор успеа да го изѕида храмот, постави нова кровна конструкција и негово уредување.

Во пресрет на празникот Митровден како донација од членови на ДПД – Кочани беше поставен и осветлен деветметарски крст кој денес од страна на Владиката г.Иларион беше и осветен.

И. Матеничарски

Сподели: