Осветен камен – темелникот на крстилницата во црквата „Св. Благовештение“ во Кочани

Во присуство на голем број верници денес во Кочани беше извршен чинот на поставување и осветување на камен темелникот на крстилницата во црквата „Св. Благовештение“ во Драчевиќ која ќе го носи името по светецот Теодор Тирон.

Осветот го  изврши Митрополитот Брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од Брегалничката епархија од кочанското архиерејско намесништво.

– Денешниот ден е радосен за Македонската православна црква, за Брегалничката епархија, а посебно за граѓаните на Кочани, затоа што поставивме камен-темелник на крстилница во кругот на црквата „Свето Благовештение“, која се гради веќе 12 години. Крстилницата ќе се користи и како зимска црква, а за нејзината градба им благодариме на починатите ктитори, братот и сестрата Тодор и Ленче Лазарови од Кочани, чиј аманет беше сопствениот имот да го подарат на црквата, како спасение на нивните души и благослов за останатите роднини и пријатели. Се надевам дека храмот брзо ќе се изгради и ќе го осветиме, но ја повикувам локалната самоуправа на Кочани да помогне со изградба на потпорни ѕидови на јавните површини, за да се уреди дворот и околината на двата црковни објекта, истакна митрополитот Иларион.

Камен темелникот го поставија блиски роднини на починатите Лазарови, а на чинот на осветување присуствуваше градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов и директорот на КЈП „Водовод“, Иван Иванов.

Храмот „Св. Благовештение“ започна да се гради пред 12 години и досега е изграден поголемиот дел од објектот.

Од Брегалничката епархија ја искористија приликата да ги повикаат локалните власти и граѓаните во рамки на можностите да помогнат во доизградба на храмот и негово пуштање во употреба.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: