„Осогово“ ги стартува зимските подготовки

Фудбалерите на ГФК „Осогово“ во саботата ги започна зимските подготовки во пресрет на почетокот на пролетниот дел од шампионатот во Втората Македонска лига – Исток.

Пред почетокот на подготовките тимот се засили со голманот Матеј Андов  од ФК „Работинички“ како и со фудбалерот Благој Истатов од ФК „Беласица“.

Од есенскиот состав на тимот  недостасуваат напаѓачот Димитар Иванов, голманот Методија Велковски како и играчите од одбраната, Силвио Ангеловски и Илија Далчевски кои веќе си заминаа од клубот.

Деновиве се очекува во составот да се приклучат нови играчи кои ќе ги пополнат испразнетите места.

Тренерот на ГФК „Осогово“ Трајче Сенев  очекува дека екипата со добра работа и пристап на натпреварите ќе го оствари зацртаното, а тоа е опстанок во натпреварувањето.

-Тројца играчи веќе го напуштија клубот, а двајца го оправдаа отсуството на првиот тренинг. Управата е во контакт со неколкумина играчи кои се надеваме дека ќе ни се приклучат бргу  и комплетно ќе ги одработиме овие подготовки. Почнуваме со работа на физичката издржливост, а потоа доаѓаат подготвителните натпревари на кои ќе треба да го склопиме составот. Засега ќе работиме по еден тренинг дневно, но како ќе течат подготовките имаме планирано период и за по два тренинга на ден. Според моментната состојба што владее поради епидемијата подготовките ќе ги спроведеме во Кочани, истакна Трајче Сенев – Шеф на стручниот штаб на ГФК „Осогово“ веднаш по одработениот прв тренинг.

Во пресрет на продолжението од сезона ќе бидат одиграни четири контролни дуел против „Брегалница“ Штип (30-ти јануари), „Кит-Го“ (6-ти февруари), „Тиквеш“ (13-ти февруари) и „Брегалница“ Делчево (20-ти февруари).

Пролетниот дел од натпреварувањето е планиран за 27 февруари, кога „Осогово“ на домашен терен ја пречекува екипата на „Каменица Саса“.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial