„Отворена вечер“ на Ротари – клубот „Кочани – Виница“

Ротари клубот „Кочани – Виница“ во рамки на своите предвидени активности синоќа во Кочани реализираше наста, „Отворена вечер“ со ротари членовите и бизнис секторот од Кочани и Виница.

Целта на ваквиот настан, како што истакнаа ротаријанците е одблизу да се запознае бизнис секторот со работата на Ротари клубот со цел негово проширување и унапредување.

– Годинава нашето внимание го посветуваме на деловната заедница, луѓето кои придонесуваат во заедницата и кои имаат деловни компании. Сакаме да ги запознаеме со активностите на Ротари клубот „Кочани-Виница“ за да превземеме чекори во заедничка одговорност за делување во нашите проекти, активности, иницијативи. Резултатите од првата година беа успешни, се доближивме до граѓаните и ги запознавме со нашите проекти и активности, а сега со оваа средба сакаме да им се заблагодариме на нашите соработници. Меѓу другото наша цел е да го прошириме ротаријанството во служба на заедницата, истака Зафир Наков, претседател на Ротари клубот „Кочани-Виница“.

Вечерта ја отвори претседателот на клубот Зафир Наков, а за историјатот на Ротари зборуваше минатогодишниот претседател Сашко Андонов. На вечерта беше претставена мисијата и визијата на ротаријанците, а целта е и придобивање на нови членови.

На отворената вечер беа претставени и досегашните реализирани проекти и донации во областа на образованието, здравството, а предавање одржа членот на Ротари Глигор Цветанов, извршен директор на „Макпрогрес” од Виница на тема Меѓугенерациска транзиција на компаниите. Ротари клубот додели и благодарници на бизнис соработниците.

И. Матеничарски

Сподели: