Во Салонот Фоаје 2 на Центрот за култура „Бели Мугри“ во Кочани вечерва беше отворена самостојната изложба на дела на уметничката Марија Мицова Гацова.
Изложбата е резлутат на нејзините постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности под менторство на проф. Станко Павлески. Изложбата се состои од три дела, мрежа од бели полутопки изработени од 50- годишна неупотребена хартија и мрежа од графици, полусферични објекти со висок сјај кои ја рефлектираат целата поставка и порстор на изложбата и видео дело „Бивање моето Место“.
– И наместо заклучок, можеме да констатираме дека најновиот проект на Марија Мицова Гацова е мошне актуелен и отвора исклучително релевантни прашања за реалноста во која живееме, која е очигледно производ на минати искуства, знаења, информации и мемории наследени или стекнати и е предвесник на идни дејствија, акции и доживувања, сето тоа надополнето со импактот на просторот и времето, стои во рецензијата на М-р Ана Франговска, историчар на уметност.
Проект е избран за национален интерес во културата за 2022 година , под покровителство на Министерството за култура на Р. Македонија.