Во Центарот за култура „Бели Мугри“ вечерва беше поставена изложбата „Арт варијации – Стари Поток 2020“, во организација на Здружението за култура, општествени дејности и наука „Стари Поток“ од Кочани.
На изложбата која ќе биде отворена во следните две недели, поставени се 19 уметнички дела, насликани од 10 уметници од Кочани, Куманово, Виница и Зрновци.
-Вечерва пред кочанската публика, а како дел од Летната културна програма во Кочани ја претставуваме изложбата на слики од 4-та Ликовна колонија изложбата „Арт варијации – Стари Поток 2020“. Колонијата се одржа во септември 2020 година, но поради пандемијата учествуваа само ликовни уметници од нашата земја кои твореа на слобода тема, според свој извор, без да бидат заедно. Изложени се дела на Мики Трендафиловски, Трајан Трајковски и Александар Стефановски од Куманово, Благица Стојановска од Виница, Слаџана Гаврилова, Нина Савева и Марио Дејанов од Зрновци и Нада Ѕмбова Донева, Елизабета Зафирова Стојанова и Марија Дончева од Кочани, истакна Љупка Стојменова, претседателка на здружението „Стари Поток“ – Кочани.
Ликовната колонија „Арт варијации – Стари Поток 2020“ е спој на две уметности, литературната и ликовната уметност.
„Уметничката Марија Дончева своите две дела ги создаде врз основа на свои поетски литературни творби, додека Слаџана Гаврилова врз основа на своите ликовни дела создаде поетска творба“, додаде Стојменова.
Во рамки на Летната културна програма, утре (09 јули) со почеток од 10 ч. во Градскиот парк ќе се одржи ликовен перформанс „Арт Варијации – Стари Поток 2021“.