Отворена изложбата на дела од ликовната колонија „Св.Ѓорѓи“ Блатец 2019

Во Салон 2 на Центарот за култура „Бели мугри“ вечерва беше отворена изложбата на дела од првата ликовна колонија „Св.Ѓорѓи“  с.Блатец  Виница 2019.

Во присуство на љубители на уметноста на отворањето говореше Александра Димитрова  од Центарот за култура „Бели мугри“, која ги поздрави присутните гости, а воедно ја пофали иницијативата за изложба на изработките од ликовната колонија пред кочанската публика.

Делата се сликани со техника масло на платно, акрил како и комбирана техника, а на изложбата присуствуваа и дел од уметниците учесници на колонијата.

„Првата изложба беше лани по завршување на ликовна колонија во Виница. Оваа година ова ни е прва изложба како најблизок град и соработката што ја остваруваме заедно  со Центарот  за култура „Бели мугри“. По Кочани делата ќе бидат изложени и во Македонска Каменица и оттаму продолжуваме во околните градови во Источна Македонија  – рече Јовица Илиев директор на Домот на културата „Тошо Арсов“ Виница.

 Ликовната колонија „Св.Ѓорѓи“  се одржа во периодот од 26-ти до 30-ти август минатата година во организација на Домот на културата „Тошо Арсов“ Виница и здружението на уметници „УМ“, во околината на манастирот во селото Блатец, Виничко. На неа учествуваа дванаесет уметници со долгогодишно искуство, меѓу кои и Александра Димитрова како претставник од Кочани.

Изложбата е плод на соработката помеѓу двете културни установи од Кочани и Виница, а истата ќе биде отворена две недели.

И.Матеничарски

Фото: А.Арсов

Сподели: