Отворена изложбата на дела од 29. Лесновска ликовна колонија

Во Фоајето 2 на Центарот за култура „Бели Мугри“ денеска беше отворена изложбата на дела од 29. Лесновска ликовна колонија која годинава се одржа во периодот од 28 јуни до 3 јули во селото Лесново, Пробиштип.

На изложбата во Кочани поставени се 34 уметнички дела, изработени од 15 уметници од Македонија работени во различни техники и на слободна тема.

-Овие дела коишто граѓаните на Кочани можат  да ги погледнат се дела од 29. издание на Меѓуанродната Лесновска ликовна колонија. Годинава колонијата се одржа од 28 јуни до 3 јули. Учесниците беа сместени во селото  Лесново, кадешто својата инспирација за сликање ја црпеа од убавините на Лесонвскиот манастир и неговата околината. Изложбата за прв пат беше отворена на 7 септември во Домот на културата во Пробиштип, а ова денеска во Кочани е второ прикажување во јавноста. Делата се работени во три техники, акрил, масло и спреј на платно. Темата на колонијата беше слободна, според инспирација на уметниците, истакна Сандра Мијалковска, директор на Дом на култура „Злетовски рудар“ – Пробиштип.

„Лесновската Ликовна колонија“  за првпат е организирана во 1992 година по својот квалитет се вбројува меѓу најпрестижните во Република Македонија. Во овие изминати години, стотици врвни уметници од земјава и странство биле дел од овој уметнички настан, давајќи на убавините на лесновскиот крај, вечност во своите дела.

Проектот ,,Meѓународна Лесновска Ликовна колонија 2021“ е избран на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година, од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот.

Главен покровител на „Лесновската Ликовна колонија“ е општина Пробиштип и Министерството за култура на Р. Македонијам, а организатор е Дом на културата ,,Злетовски рудар“ од Пробиштип“.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: