Отворена изложбата на дела од 8-та Младинска ликовна колонија „Св. Пантелејмон 2020“

Во салонот „Фоаје 1“ на Центарот за култура „Бели мугри“ – Кочани денска беше отворена изложбата на дела од 8-та Младинска ликовна колонија „Св.Пантелејмон 2020“.

На годинашново издание на Младинската ликовна колонија беа изработени 11 дела од седуммина  талентирани уметници од Кочани, меѓу кои Павел Николов, Мима Војновска, Ангела Иванова, Ивона Здравева, Нина Савева, Елена Стојанова и Давид  Јосифов.

Поради пандемијата со Ковид – 19 уметниците твореа во посебни услови, од дома, но и на отворено, пред платото на Центарот за култура „Бели мугри“.

– Денеска во Центарот за култура се отвора изложбата на дела од 8-та Младинска ликовна колонија „Св.Пантелејмон“. Изложени се 11 дела на платно работени во акрилна техника. Со изложбата ја завршуваме  годишната програма во делот на визуелните уметности за  2020 година и се надеваме дека во наредните години ликовната колонија „Св.Пантелејмон“ ќе продолжи да се организира, а воедно се надеваме на поддршка и од Општина Кочани, истакна Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности во „Бели мугри“.

Тематиката и техниката оваа година е инспирирана од внатрешното чувство и доживување на уметниците за  ситуацијата со Ковид – 19 кои се претставени на изработките .

– Делата  ги изработивме за три дена и повеќето учесници изработија по две слики. Темата на изложбата беше сликарството и развивање на уметноста за време на корона. Јас изработив две дела и се надевам дека ќе им се допаднат на публиката, рече Мима Војновска, учесник на колонијата.

Изложбата на дела од Младинската ликовна колонија „Св.Пантелејмон“ ќе биде отворена за посета цела недела. Истата е во годишната програма во делот на визуелни уметности, финансирана од Министерство за култура на Република Македонија.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: