На западната страна пред Центарот за култура „Бели Мугри“ во рамки на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз денеска беше отворена изложбата на дела од 10. традиционална ликовна колонија „Св. Пантелејмон“ 2024 год.
На свеченото отворање во присуство на градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов и младите ликовни уметници со нивната менторка беа изложени уметничките дела кои беа насликани на почетокот на месец септември на Пониква.
– Учениците направија преубави дела, работени во акрилна техника на платно, на теми и мотиви од Кочани, оризовите полиња, зажнејување и требење на оризот, тоа што го краси нашиот град, истакна Александра Димитрова, академски сликар од Кочани и раководител на школата за цртање и сликање при националната установа „Бели Мугри“.
Градоначалникот Папазов ги поздрави младите уметници и им се заблагодари за промоцијата на културата на градот прикажана преку уметничките изработки.
Во рамки на изложбата беа доделени и благодарници на младите уметниците учесници на колонијата.
Ликовната колонија „Св. Пантелејмон“ е поддржана од Програмата за култура на Општина Кочани за 2024 година.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов