Отворена изложбата „40 години ликовно творештво – Димитар Лазов – Лав“

По повод 40 години ликовно творештво во Фоајето 1 на НУЦК „Бели Мугри“ вечерва беше отворена изложбата на ликовниот уметник Димитар Лазов – Лав.

На изложбата беа поставени уметнички дела, креации на уметникот твороени во минатиот четириесетгодишен период.

– Димитар веќе четириесет години ја негува својата љубов кон уметноста и со својата четка ги отсликува своите впечатоци од природата, архитектурата, бојата, светлината ја бара формата, го прикажува просторот и амбиентот. Кога ќе ги погледнеме неговите дела ќе забележиме дека природата, односно пејзажот е мотивот кој се проткајува во секое негово дело. Инспириран од живописната околина на Свети Николе, преку богатиот колорит, тонот и перспективата во својот сликарски израз, веродостојно ни го доловува амбиентот толку каректеристичен за овој предел. Покрај фигуративните композиции кои доминираат во неговиот творечки опус, се испробал и во нефигуративната, апстрактна композиција, каде како проблем повторно ги поставува во преден план просторот и перспективата, напиша Маја Ефтимова Стојанова – Ликовен уметник и педагог.

Авторот Димитар Лазов- ЛАВ е роден во Свети Николе. Со сликарство се занимава од мали нозе, членувал во КО-РА Скопје. Еден е од основачите на друштвото на ликовни уменици „Овчеполски спектар“ и негов претседател. Досега имал 14 самостојни изложби, 80 групни и учесник на 25 ликовни колонии во Македонија, Србија и Бугарија. Добил многубројни награди и признанија во областа на ликовната уметност.

Настанот е во склоп на проектот „Превземање изложби 2023“, кој пак е во склоп на годишната програма на националната установа, реализиран со целосна финансиска поддршка од Министерството за култура на Македонија.

Сподели: