Во фоајето 2 на НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани денеска беше отворена изложбата на дела од 19. Меѓународна ликовна колонија „Карпино 2021“.
На годинашново издание на колонијата учествуваа 11 уметници од земјава и странство, кои изработија 20 уметнички дела на слободна тема во техника акрил на платно.
– Колонијата е традиционална и се одржува 19-та година по ред. Годинава имавме учесници од Р. Србија и од неколку градови од Македонија. Уметниците изработија 20 уметнички дела, на слободна тема во техника акрил на платно. Некои твореа во ресторанот „Грација“ додека другите поради пандемијата од Kовид-19 работеа во домашни услови. Изложбата на колонијата денес е отворена за публиката во Кочани, во НУЦК „Бели Мугри“, истакна Мики Трендафиловски, уметнички директор на „Карпино 2021“.
Колонијата е отворена за посетителите, а на свеченото отворање присуствуваа учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани.
Делата од Меѓународната ликовна колонија досега биле изложени во Куманово по повод 11 ноември, ослободувањето на градот.Во следниот период, изложба на делата ќе се реализира во Виница, Пробиштип, Свети Николе и завршна изложба во Кратово.
И. Матеничарски