Отворена хуманитарно-продажна изложба во НУЦК „Бели мугри“ – собраните средства ќе се донираат преку „Сапорт Кочани“ за повредените во „Пулс“

Во Центарот за култура „Бели мугри“ вечерва во Кочани беше отворена хуманитарно-продажната изложба посветена за настраданите во трагедијата во дискотеката „Пулс“.

Преку 100 уметнички и над 300 книжевни дела кои се отстапени од авторите се поставени во повеќе галериски простории на националанта установа на изложбата која ќе биде отворена во следните две седмици.

За в сабота 26 април од 17 ч. во националната установа ќе се реализира аукција на изложените дела при што граѓаните ќе може да купат од поставките. Собраните средства ќе бидат донирани преку донаторската платформа на „Сапорт Кочани“ кои дадоа поддршка на иницијативата за изложбата.

Хуманитарната изложба ја отвори в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски кој ја истакна поддршката и заложбата на локалната самоуправа на вакви настани, особено фактот дека се иницирани од млади кои имаат капацитет, визија и идеи за подобро Кочани.

Директорката на „Бели Мугри“, Габриела Стефановска истакна дека изложбата е интернационална бидејки отстапени се дела на уметници од Европа и Америка и голем број книжевни дела на издавачки куќи.

Ликовниот уметник М-р. Александра Димитрова, од „Бели мугри“  рече дека изложбата и отстапените дела за аукција од авторите само ја покажуваат солидарноста и хуманоста на уметниците за градот Кочани.

На отворањето од страна на роднокрајните автори, членови на  ЛК „Копнеж“ ,Блашка Стојкова и Далибор Стојанов беа прочитани авторски дела инспирирани од кочанската трагедија.

И. Матеничарски

Сподели: