Во НУЦК „Бели мугри“ во Кочани денеска беше отворена 8-та Младинска ликовна колонија „Св. Пантелејмон“ 2020.
На годинашново издание на ликовната колонија учествуваат седум талентирани уметници од Кочани, меѓу кои Павел Николов, Мима Војновска, Ангела Иванова, Ивона Здравева, Нина Савева, Елена Стојанова и Давид Јосифов, кои поради пандемијата со ковид – 19 ќе творат во посебни услови, од дома, но и на отворено, пред платото на Центарот за култура „Бели мугри“.
-Тематиката и техниката оваа година е инспирирана од внатрешното чувство и доживувањето на оваа немила ситуација со ковид – 19, а техниката е вообичаена акрилик на платно. Секој учесник ќе треба да изработи по две уметнички креации, рече проф. м-р Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности во „Бели мугри“.
Младите уметници ќе творат до недела, а по завршување на колонијата предвидена е изложба на уметничките дела пред пошироката јавност. Младинската колонија е од регионален карактер, но поради пандемијата со ковид – 19, оваа година учествуваат само уметници од Кочани.
Проектот е во организација на НУЦК „Бели мугри” – Кочани и е во годишната програма во делот на визуелни уметности, финансиран од Министерство за култура на Република Македонија.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов