Отворени телефонски линии за бесплатна прва психолошка и психо-социјална поддршка на стари лица и лица со посебни потреби

Црвен крст – Кочани е еден од четирите регионални центри во Македонија каде од неодамна во функција се отворени  телефонски линии за бесплатна прва психолошка и психо-социјална поддршка, наменети  за стари  и изнемоштнеи  лица и лица со посебни потреби.

Активностите се во рамки на регионалниот проект ,,Зајакнување на отпорноста на старите лица и лицата со попреченост за време на КОВИД-19 и идни катастрофи“, тригодишна иницијатива финасиски поддржана од Европската Унија, Австриската агенција за развој и Австрискиот Црвен крст.

-Преку отворените телефонски линии воспоставуваме систем за грижа за менталното здравје на постарите лица и лицата со попреченост со цел подобро справување со пандемијата со Ковид – 19. Црвен крст – Кочани во моментот е во процес на воспоставување на услугите и на друг проект, за домашна нега и грижа на стари лица. Отворените телефонски линии се надоврзуваат и на овој проект, за помош и грижа за менталното здравје на старите лица и ќе бидат едно дополнително проширување на нашите сервисни услуги кои ги даваме на старите лица, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани.

Телефонските броеви 071/426-660 и 071/426-633 се достапни 6 часа на ден, од понеделник до петок во периодот од 10 ч. до 16 ч. и истите се водени од обучени телефонски оператори.

„Првата психолошка помош се пружа непосредно по настанатата непогода и има цел да го згрижи поединецот додека не добие повисок степен на поддршка. Психо-социјалната помош и поддршка е информациска и емоционална поддршка која се дава на индивидуи или групи на лица“, додаде Коцева.

Телефонските линии кои функционираат во рамките на Црвен крст – Кочани го покриваат источниот, југоисточниот и североисточниот регион на Македонија.

Освен во Кочани, регионални телефонски линии се отворени и во Битола, Велес, Гостивар како  и Црвен крст на град Скопје  за територијата на град Скопје.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: