Шеснаесетгодишната Марија Стаменкова е избрана за жетварска убавица за 2024 година.
Стаменкова ги освои гласовите на жири комисијата, во рамки на 33. издание на културната манифестација Денови на кочанскиот ориз.
Од осумте девојки што учествуваа на годинашниов избор, за прва придружничка на жетварската убавица беше избрана Мартина Костадинова, а за втора Ивона Ефтимова. На жетварската убавица и нејзините придружнички им беа доделени вредносни ваучери.
Крунисувањето на годинашнава жетварска убавица се случи во Градскиот парк на самото отворање на 33. издание на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз. На отворањето му претходеше акустички настап на Ненад Вржалски, а во продолжение на вечерта присутните ги забавуваше македонската поп пејачка, Каролина Гочева и ДЈ Ацко.
Трите најубави жетварки ќе учествуваат во обичајот на зажнејување на ориз што во присуство на делгации ќе се изведе в недела, 29 септември во населбата Оризари.
Во рамки на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз, предвидени се низа на настани. Изложба, празнично дефиле и фолклорни концерти како и традиционално зажнејување на оризовите полиња.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов