Отворено 59. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија

Вчеравечер во Градскиот парк во Кочани пред многубројната публика беше означен почетокот на 59. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.

На свеченото отворање беше изведена претставата „Самоубиство во одбрана“ на Алтернативен театар „Отпишани“ од Скопје, по текст на Марјан Анѓеловски и режија на Алекандар Јованоски и Марјан Анѓеловски.

На официјалното отворање на фестивалската програма присутните ги поздрави Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.

– Веќе 45 години Кочани е домаќин на овој фестивал и ние како организатори се потрудивме да ги надминеме сите предизвици пред нас. На конкурсот за учество беа пријавени 16 претстави, од кои селекторот Благој Веселинов одбра 12, а три се од странство. Покрај тоа, ќе има и неколку придружни содржини, како што се концерти, саем на книги, ликовна изложба и книжевна промоција – истакна Атанасова Арсова.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов, кој во отсуство преку видео порака се обрати пред присутната публика.

Во рамки на програмата пред фестивалската публика по завршување на театарската претсава со лајт шоу настапи диџеј Панчо.

Денес на програмата на ДАФ во Мултикултурниот центар во 12 ч. ќе биде прикажана претставата „Приказна за волшебната шума“  на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ – Кавадарци. Во 19 ч. на фестивалската програма е закажана претставата  „Ништо не е страшно“ на Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“ – Скопје.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: