Отворен мини саем на книгата во Кочани

Во ЈУ Библиотека „Искра“ – Кочани од денеска па во наредните два дена е отворен мини саем на книгата како дел од програмските активности за работа на кочанската библиотека.

Поради пандемијата со Ковид-19 на годинашново 15. издание на саемот учествуваат само две издавачки куќи од Македонија, „Култура“ и „Полица.

– Саемот ќе трае три дена, односно до 3. декември. И покрај пандемијата, направивме напори да го организираме саемот во скратено издание и со почитување на сите препорачани мерки од Владата за заштита од пандемијата. Нашите планови се од почетокот на идната година на месечно ниво да организираме мини саеми на книгата за нашите сограѓани. Се надеваме дека пандемијата побрзо ќе заврши за да се вратиме на оној стандарден на начин на организирање на Саем на книгата со повеќе издавачи куќи, рече Коце Стојменов, директор на „Искра“.

Љубителите на пишаниот збор имаат можност да купат од изложените книги од најразлични жанрови, дела за деца и возрасни.

На првиот ден Саемот на книгата го посетија ученици од основните училишта од општината, како и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов. Папазов ја искористи приликата да ја најави поддршката на локалната самоуправа за унапредување на работењето на библиотеката „Искра“ во делот на дигитализацијата и збогатување на книжевниот фонд.

-Саемот всушност е начин да се развива културата на читање и да се мотивираат најмладите што повеќе да се дружат со книгата. Саемот на книгата е настан за поздравување на кој поради пандемијата учествуваат само две издавачки куќи, но очекувам со завршување на пандемијата да имаме можност да видиме што повеќе издавачки куќи и посетители. Само така пишаниот збор ќе бие проширен до најмладите генерации и кај сите граѓани на Кочани, истакна Папазов.

Мини саемот на книгата ќе биде отворен до 3. декември, петок, во периодот од 9 до 18 часот.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: